ИБРАИМОВСКИ, Аки

ИБРАИМОВСКИ, Аки (Штип, 1922 – Скопје, 2000) – падобранец, инструктор и тренер на Аероклубот во Скопје, основоположник на падобранскиот спорт во РМ. Го организирал основањето и првиот настап на 7 македонски клуба (1949). Бил повеќекратен првак на НРМ, шампион (1952, 1954 и 1956 во скок со задршка), вицешампион (Вршац, 1955) на ФНРЈ и селектор. На Светското првенство во Москва го освоил 31. место (1956). Како иноватор, отстранил едно поле на куполата на падобранот, со што ја подобрил неговата стабилност и управувањето. Носител е на највисокото меѓународно воздухопловно признание „Пол Тисандие“. ЛИТ.: Д-р Душан Станимировиќ, Спортски шампиони. Избор на најдобрите во Македонија 1954-2004, Скопје, 2005, 14 и 16. С.Мл.