ЕЛЕКТРОЕНЕРГЕТСКА МРЕЖА ВО РМ

ЕЛЕКТРОЕНЕРГЕТСКА МРЕЖА ВО РМ. – составена од деловите со номинални напони: 110, 150 (само вод кон Грција), 220 и 400 кВ. Главната улога на мрежата 400 кВ е да ги поврзе најзначајните производни капацитети со најголемите потрошувачки центри и да обезбеди соодветни врски со соседните ЕЕС. Такви врски постојат со северниот и со јужниот сосед, се гради со источниот и се предвидува со западниот. Мрежите 110 и 400 кВ се меѓусебно директно поврзани преку интерконективни автотрансформатори (со номинална моќност 300 МВА), без можност за регулација на напонот под оптоварување. Во Република Македонијанема трансформатори со преносен однос 400/220 кВ/кВ. Мрежата од 220 кВ ја создаваат еден вод помеѓу ХЦ „Вруток” и ТС „Скопје 1” и два интерконективни вода кон ТЦ „Косово А”. Мрежите од 110 и 220 кВ се меѓусебно поврзани преку соодветни автотрансформатори во постројките на ХЦ „Вруток” и ТС „Скопје 1”. Со оглед на сегашната улога на мрежата од 220 кВ во ЕЕС на Република Македонијаи ориентацијата на ширење на мрежата од 400 кВ, не се предвидува градба на нови објекти со номинален напон од 220 кВ. Пред повеќе години мрежата од 110 кВ претставувала основна преносна мрежа во РМ. Со развојот на мрежата од 400 кВ се менувала и улогата на мрежата од 110 кВ. Така, одделни делови на мрежата од 110 кВ добивале подрачна или локална улога. Дистрибутивната ЕЕ мрежа содржи СН и НН дел, а во некои случаи и ВН дел. Водовите од СН дел се со номинален напон од 10, 20 или од 35 кВ. Трансформаторите помеѓу ВН и СН мрежа се со регулација на напон под оптоварување. Во претходната фаза од електрификацијата, по правило, беа користени трансформациите: 110/35, 35/10 и 10/0,4 кВ/кВ. Подоцна, во подрачјата со поголема густина на оптоварувањата, започнала примената на трансформациите 110/10 и 10/0,42, односно 110/20 и 20/0,42 кВ/кВ. ЛИТ: 50 години македонско електростопанство, Скопје, 1995; ЈП „Електростопанство на Македонија”, Скопје, 1999. Др. Р.