ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА СТАТИСТИКА НА РМ

ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА СТАТИСТИКА НА РМ. Основан е на 1. Ⅵ 1945 г. како Македонски федерален статистички уред. Истовремено со неговото воспоставување, организирани се и статистички уреди во рамките на локалните органи на власта. Првите работни задачи, кои Уредот успешно ги реализираше, се однесуваа на демографските истражувања во земјата: евиденција на родените и умрените, бројот на склучените бракови, усогласување на податоците од пописите за 1921 и за 1931 г. со новата територија на НРМ и сл. Во периодот до осамостојувањето на земјата, ДЗС функционира како Републички завод за статистика во рамките на Сојузниот завод за статистика на СФРЈ. Десеминацијата на статистичките податоци започнува со публицистичката дејност на институцијата. Првите публикации за широк круг корисници Месечен статистички извештај и Статистички годишник на Македонија датираат од почетокот на 1951 г. Уште во времето на СРМ институцијата се оспособи за комплексно следење, анализирање и публикување на релевантните статистички податоци од општествениот, социјалниот и од економскиот живот на земјата. По осамостојувањето на Република Македонијаи подоцна, со донесувањето на Законот за државна статистика (1997), институцијата се преименува во Државен завод за статистика на РМ. Неговите основни функции се: прибирање, обработка, анализа и десеминација на податоците за статистичките појави и процеси во сите сфери на општественото живеење на земјата, координација на статистичкиот систем на РМ, воспоставување меѓународна соработка во областа на статистиката и имплементација на меѓународните и европските статистички стандарди во земјата. Денес, ДЗС е модерна и компетентна институција, која со успех продуцира и објавува (на македонски и на англиски јазик) голем број релевантни и меѓународно споредливи статистички податоци (во рамките на повеќе од 260 статистички истражувања со различна периодика) за демографскиот, социјалниот и економскиот развој на земјата. Во сферата на економијата, т.е. економската статистика, Државниот завод за статистика, применувајќи стандардни меѓународни методологии за следење на клучните макроекономски агрегати (бруто домашниот производ, невработеноста, инфлацијата и сл.), дава значаен придонес за согледувањето и дијагностирањето на економските состојби во земјата, за конципирањето на економските политики и нивното имплементирање, како и за меѓународната споредливост на економските текови на земјата со оние во другите земји. ИЗВ.: Интерни податоци на ДЗС. Т. Ф. ДРЖАВЕН КАПИТАЛ НА РМ