ДРАГАШ, Јован

ДРАГАШ, Јован (?–1379/1381) – деспот, постариот син на деспотот Дејан (од него ја наследува титулата) и на Владислава (или Евдокија). По татковата смрт, од соседите бил потиснат во Жеглигово и во Горно Пострумје, по што го признал вазалството кон Волкашин и кон Углеша. По Маричката битка (1371), заедно со помладиот брат Константин формирале самостојна држава (1372–1375), која постепено ја прошириле на териториите источно од р. Вардар, северно од Врање и од Велбужд, Рила на исток, до Сер и до Солун на југ, како и во Тиквеш. Првото изворно спомнување е од 1373 г. (од Дубровничката канцеларија); зачувани се осум негови монети (Кичевска остава, заклучно со 1373 г.), а последно сведоштво е неговата повелба од јуни 1377 г. (издал четири, самостојно и со брат му). Од август 1381 г. Константин не го наведува како совладетел; има мислење дека тогаш се замонашил и го завршил животот како великосхимник Јован Каливит. ЛИТ.: Х. Матанов, Княжеството на Драгаши. Към историъта на североизточна Македония в предосманската епоха, София, 1997; Д. Барџиева, Прстенот на Јо-ван Оливер – Јован Каливит – ктитор на црквата во Лесново, „Историја”, ⅩⅪ/1–2, Скопје, 1975. Б. Петр. Константин Драгаш, икона