ДОКО, Сехадет Мекули (Охрид, 1928) – прва лекарка од албанска националност во Југославија. Дипломирала во првата генерација на Медицинскиот факултет во Скопје (1947 – јануари 1954). Како студент била демонстратор по наставните предмети Анатомија и Патофизиологија и соработник на Институтот за судска медицина во Скопје. Првин се вработила во Приштинската болница, а потоа специјализирала гинекологија и акушерство во Белград (1960). По враќањето била шеф на Одделението за гинекологија во Градскиот диспанзер, а при отворањето на Приштинскиот универзитет била избрана за професор на тамошниот Медицински факултет. Била директор на Клиниката за гинекологија во Приштина (1972-1981) и докторирала на тема „Токсоплазмата кај жената во фертилната возраст во САП Косово” (Белград, 1974). Основоположник е на сп. „Праксис медика”. Учествувала на повеќе научни собири во земјата и во странство и има објавено над 30 научни трудови. Форумот на жените на Косово ја прогласи за водечка интелектуалка на Косово (1997). Ј. Доко