ДИМИТРОВ-БАБАТА, Атанас Иванов

ДИМИТРОВ-БАБАТА, Атанас Иванов (с. Синитево, Пазарџичко, Бугарија, 1875 – врв Видин, меѓу с. Куклица и Пендаќ, Кратовско, 12/25. Ⅵ 1905) – реонски војвода на ТМОРО. Како шивач во Пазарџик и Софија, станал член на ТМОРО (1897). Бил комита во четата на Јане Сандански и зел учество во пленувањето на мис Елена Стоун (21. Ⅷ 1901). Во времето на Илинденското востание (1903) бил војвода и член на Горското началство на Скопскиот револуционерен округ на ТМОРО. По востанието дејствувал во Кратовско (1904). Бил учесник на Скопскиот окружен конгрес на ТМОРО (јануари 1905) и избран за член на Скопскиот окружен комитет. Учествувал во 39 борби со османлиската војска и башибозукот. Четата од 13 комити била сардисана од војската и жандармериската коњица и по беспоштеден отпор, за да не паднат живи во непријателски раце, преостанатите комити се решиле на саможртва. Опеан е во повеќе народни песни. ЛИТ.: Д-р Душко Константинов – Здравко Божиновски, Тука е Македонија, книга И. (Избор на објавени македонски народни песни од комитскиот циклус), Скопје, 1970, 546; Коле Рошев, Македонските војводи низ собитијата и народните песни, Скопје, 2001, 272-274. С. Мл.