ДЕМОГРАФИЈА

ДЕМОГРАФИЈА – наука за населението. Таа се дефинира како општествена наука за развојот на населението (популацијата). Ги опфаќа како компонентите на природното и механичкото движење, така и промените во структурата на населението. На некои факултети на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” (Економски, Филозофски, Медицински и др.) таа е застапена во наставните планови како предмет формална демографија, која често се нарекува демометрија и се занимава со изработка и со примена на методите на квантитативната анализа на демографските појави во рамките на статистиката на населението, виталната статистика и миграционата статистика. Меѓу македонските економисти што се занимавале со изучување на демографски прашања треба да се одбележат: Лазар Соколов (познат македонски економист, којшто докторирал на тема од областа на Малтусовата теорија за населението), Александар ќурчиев (редовен професор на Економскиот факултет, во пензија), Славе Ристески (редовен професор на Економскиот факултет), Елка Димитриева (Економски институт) и Верица Јаневска (Економски институт. ЛИТ:. Славе Ристески, Демографската транзиција во Република Македонија, Скопје, 1996; истиот, Демографски методи со демографска анализа, Скопје, 2006. С. Р.