ДЕГРАДАЦИСКИ СТАДИУМИ НА ШУМИТЕ

ДЕГРАДАЦИСКИ СТАДИУМИ НА ШУМИТЕ – состојба во која шумата е осиромашена во поглед на видовиот состав и ја губи основната функција – заштита на почвата од ерозија. Деградацијата е последица од пасење стока во шумата, брстење на стеблата, кастрење и потсечување на стеблата (лисничарење), гола сеча на шума со стари пенушки. Брснички шуми претставуваат шуми од дабот прнар што се користат за пасење на овците и на козите. Се среќаваат јужно од Демир Капија. Овие шуми постојано се прочистуваат од листопадни видови, се прочистуваат патиштата и полјаните, заради движење на стоката. Прнарот се користи за брстење на стоката, па затоа постојат обиди за негово проширување во клисурата на Црна Река, во Охридско кај селото Велмеј. Лиснички шуми има во Источна Македонија. Тоа е многу разредена плоскачева шума, која летно време се користи како пасиште на овци. Наесен се кастрат гранките и се складираат во стогови, а зимно време се даваат како храна на овците и на козите. Со сеча на подрастоци од стари пенушки, шумата постојано се разредува, така што тие не ја шти-тат почвата од ерозија. Такви се шумите од црн габер на Галичица, Сува Гора, Бистра на р. Радика и други шуми. По Втората светска војна во Македонија имаше околу 400.000 ха деградирани шуми, а главниот виновник за тоа беа козите. Затоа беше изгласан закон за нивно целосно уништување (1951). Р. Р. Дедели, некропола од железното време