ДЕБАРСКИ МЛАДИНСКИ БАТАЛЈОН

ДЕБАРСКИ МЛАДИНСКИ БАТАЛЈОН (Дебар, 6. Ⅹ 1943 – декември 1944) – воена единица на НОВ и ПОМ. Првин бил формиран Привремен штаб (15. IX 1943), кој направил список на околу 90 младинци и три младинки (околу 60 од албанска и 30 од македонска националност). За командант бил испратен Никола Макеларски, а за политички комесар Љутви Руси, кои го презеле раководењето со подготовките, а по формирањето бил избран нов команден состав: Демир Гаши (командант), ќемал Аголи (политички комесар), Никола Макеларски (заменик-командант) и Џафер Кодра (заменик-политички комесар). Подоцна баталјонот бил именуван како Дебарски младински баталјон „Назми Рушити” (25. Ⅹ 1943) и се упатил кон Кичево (кон крајот на октомври 1943). Во с. Ботун, Третата (македонска) чета се издвоила од Баталјонот и заминала за Дебарца. Другите (албански) чети (како резерва), заедно со Групата македонски и косовски баталјони, учествувале во ослободувањето на Кичево (1. XI 1943). Притоа Третата (македонска) чета, заедно со НОПО „Славеј” го обезбедувала и водела борба кај Ботунскиот Теснец. По ослободувањето на Кичево, Баталјонот останал како воена заштита на народната власт во градот и заедно со две мали чети вооружени со тешко оружје, учествувал и во одбраната против германските сили и балистите што продирале преку с. Раштани (6. XI 1943). Подоцна, од с. Другово, Првата и Втората (албанска) чета на Баталјонот се вратиле во Дебар и активно учествувале во неговата одбрана. Третата (македонска) чета, пак, при формирањето влегла во составот на Првата македонско-косовска НОУБ (11. XI 1943). ЛИТ.: Слободните територии во Македонија 1943. Симпозиум, Дебар, 27–29 март 1974 година, Скопје, 1975; Елисије Поповски–Марко, Создавањето на првиот шиптарски баталјон во Македонија, Четириесет години, книга 6, 527–531; Д-р Симо Младеновски, Дебарски младински баталјон, „Наш свет”, Скопје, ЏЏВ, 839, Скопје, 29. Ⅴ 1985, 7. С. Мл.