ДАМОВСКИ ОШЕНСКИ, Лазо

ДАМОВСКИ ОШЕНСКИ, Лазо (с. Ошени, Костурско, 17. Ⅷ 1897 – Скопје, 25. Ⅱ 1970) – национален и комунистички деец. Како синдикален активист и член на КПГ (од 1924) бил апсен и бил организатор на бегството на седум комунисти со копање подземен тунел од затворот и станал легендарен пример за комунистите во Грција и во повеќе земји во светот. Во времето на диктатурата на Метаксас бил затворен во Акронафплија на Пелопонез, а подоцна интерниран (август 1936 – јуни 1941). По враќањето бил секретар на Окружниот комитет на КПГ во Лариса, секретар на Окружниот комитет на Славјаномакедонскиот НОФ за Костурско (декември 1943 – мај 1944) и член на Главниот одбор на НОФ за Егејска Македонија. По договорот во Варкиза пребегнал во НРМ, каде што бил секретар на Здружението на бегалците во СРМ и член на Секретаријатот на Главниот одбор на бегалците од Егејска Македонија. ИЗВ.: Егејска Македонија во НОВ 1945, т. Ⅱ, АМ, Скопје, 1973. ЛИТ.: Ташко Мамуровски, Светли ликови од Егејска Македонија (1945–1949), Скопје, 1978. С. Мл.