ГРЧКО-БУГАРСКА КОНВЕНЦИЈА ЗА МЕЃУСЕБНА РАЗМЕНА НА НАСЕЛЕНИЈА

ГРЧКО-БУГАРСКА КОНВЕНЦИЈА ЗА МЕЃУСЕБНА РАЗМЕНА НА НАСЕЛЕНИЈА (1919). По потпишувањето на Мировниот договор (27. XI 1919) во Неј на Сена (Франција), наредниот ден (28. XI) Бугарија и Грција во Париз потпишале и одделна Конвенција за меѓусебна доброволна размена на етничките, јазичните и верските малцинства од двете држави. Со Конвенцијата Бугарија им давала на своите државјани (припадници на грчкото етничко малцинство) право на слободно иселување во Грција, а Грција право на иселување во Бугарија на државјаните припадници на бугарското етничко малцинство. Страните потписнички се обврзале да не го ограничуваат емигрирањето. Сите постојни закони и други прописи што го спречувале или на каков и да е начин го ограничувале емигрирањето се ставале вон сила и немале никакво правно дејство. На емигрантите што ќе емигрирале, во согласност со потпишаната Конвенција, им се гарантирала неповредливост на материјалните права што ги имале во моментот на емигрирањето. Емигрирањето според Конвенцијата се предвидувало да трае 2 години. Емигрирањето на мажот повлекувало задолжително емигрирање на семејството – на жената и на децата под 18-годишна возраст. За спроведување на емигрирањето со Конвенцијата било предвидено формирање на Мешана комисија именувана од Советот на Друштвото на народите во рок од три месеци од денот на нејзиното стапување во сила. Комисијата имала надлежност да спроведе ликвидација на недвижните имоти на емигрантите. Ликвидираните недвижни имоти на емигрантите останувале во сопственост на Владата на чијашто државна територија се наоѓале. Во надлежност на Мешаната комисија била и ликвидацијата на имотите на емигрантите што емигрирале пред потпишувањето на Конвенцијата. За бугарско малцинство бил сметан и мнозинскиот македонски народ во Егејски дел од Македонија и бил под-ложен на режимот на иселување. По потпишувањето на Конвенцијата, Грција презела систем на мерки за присила за емигрирање на што поголем дел од македонскиот народ, со колонизирање Грци за да се измени демографскиот состав на населението. Само со примената на Конвенцијата присилно биле иселени околу 86.500 Македонци во Бугарија. ЛИТ.: Македонија во меѓународните договори, Скопје, 2000; Стојан Киселиновски и Ирена Ставови-Кавка, Малцинствата на Балканот (ⅩⅩ век), Скопје, 2004. М. Мин.