ГРОЗДЕВ, Љупчо Христов (Штип, 27. Ⅴ 1930 – Скопје, 25. Ⅻ 1989) – спец. по патолошка анатомија, редовен проф. на Мед. ф. (1980). Дипломирал медицина во Скопје (1955), специјализирал патолошка анатомија (1968) и стручно се усовршувал во повеќе југословенски центри и во САД. Ја формирал и ја организирал Лабораторијата за електронска микроскопија на Институтот за патолошка анатомија. Ја применил техниката на полутенки препарати за патохистолошка анализа. Особен интерес посветувал на инфективната патологија, а за развојот на електронската микроскопија добил сојузно признание. Автор на над 200 труда. Во Владата на Македонија вршел функција на министер без ресор, одговорен за здравство (1969-1971). ИЗВ.: „Билтен УКИМ”, бр. 498. БИБ.: Општа патологија, Скопје, 1969. К. К.-П.