ГОРАЗД

ГОРАЗД . (Моравија, IX в.) – Кирило-Методиев ученик и словен-ски рамноапостол од редот на христијанските светители „Седмочисленици“. Пред смртта св. Методиј го назначил за свој архиепископски наследник во Моравија, избран меѓу 200-те поистакнати ученици-свештеници, ѓакони и подѓакони. Го знаел словенскиот, но ги знаел и грчкиот и латинскиот јазик. По смртта на св. Методиј не бил прифатен за архиепископски наследник, па заедно со св. Климент, св. Наум, Ангелариј, Сава и со другите поистакнати Кирило-Методиеви ученици бил прогонет од Моравија. Има претпоставки дека по 885 г. отишол во Јужна Полска и дека подоцна бил епископ во Краков, како и дека дошол во градот Берат (денешна Албанија) и таму основал манастир. Во црквата „Св. Дева Марија“ има специјално место со мошти, на чијшто натпис стои дека тука се моштите на Седмочислениците, меѓу кои и на Горазд. Неговиот култ е одразен главно во книжевната и во ликовната традиција, изразен заедно со Седмочислениците во службите и во фрескоживописите. ИЗВ.: Опширното житие за св. Методиј, што му се припишува на св. Климент Охридски; Грчката Служба за Седмочислениците, Москополе, 1742; Бориловиот синодик; Почаевскиот препис на трактатот За буквите од Црноризец Храбар, и др. ЛИТ.: Ј. Белчовски, Споредбен осврт кон делото на учениците од св. Кирил и Методиј: светите – Наум, Климент, Горазд, Ангелариј и Сава, зб.: Свети Наум Охридски – живот и дело, Скопје, 2006, 121-124; Цв. Грозданов, Портрети на светителите од Македонија од IX-ⅩⅤⅠⅠⅠ век, Скопје, 1983, 113-124; В. Погорелов, Св. Цѕрил, св. Метод а Горазд, ицх чинност а пувод, Сборник литерарно-ведескéхо одбору сполку св. Војтецха, Трнава, 3, 1936, 1-2, п. 7-36; Д. Калев, Св. Горазд слав/нски просветител, Софи/, 1970. И. Вел.