ГЛИГОРОВ, Киро Благоев (Штип, 3. Ⅴ 1917) – активист на македонското студентско и комунистичко движење, македонски и југословенски правно-економски стручњак, политичар и државник, прв претседател на самостојна и независна РМ. По завршувањето на основното образование во родниот град (1924– 1928), учи во Машката гимназија во Скопје (1932–1936). Учествува во Литературната дружина, а потоа во ученичката „Група Македонци“ што прераснува во националнополитичка тајна Македонска младинска револуционерна организација, под раководство на Димче Аџимитрески и во врска со партискиот функционер Кочо Рацин, со клонови и во други градови во Македонија (1932–1934). По убиството на кралот Александар настануваат апсења и прогони и Организацијата замира. По матурирањето се запишува на Правниот факултет во Белград (1936–1940), каде што се вклучува како член, а извесно време и како секретар на Културно-уметничкото друштво „Вардар“. Заедно со загрепските членови на Културно-просветното друштво „Вардар“ учествува во Македонското народно движење, а во летната ваканција и во дејноста на Студентската колонија во Охрид. Како студент од Ⅲ година, во настанатата провала тој првпат е уапсен, но поради немање докази е ослободен. Во затворот ја составил песната „Ленка“ што станува многу популарна и во текот на НОБ. По дипломирањето се вработува како приправник во адвокатска канцеларија во Белград (1940). По германското бомбардирање на Белград (6. Ⅳ 1941) се враќа во Скопје како правник во еврејската „Вардар-банка“, а потоа отвора своја адвокатска канцеларија (1941–1943) и дејствува во контакт со Кузман Јосифовски, којшто живее илегално во куќата на Глигоровата тешта. Во есента на 1943 г. станува член на АНОК, формиран во Скопје по иницијатива на К. Јосифовски. По разгледувањето на објавениот Манифест на Гш на НОВ и ПОМ (октомври 1943), АНОК изразува несогласност со југословенската концепција и целите на борбата, застапувајќи се за обединување на деловите на Македонија во единствена борба за слобода. Приговорот на АНОК на Манифестот (во вид на писмо до Гш на НОВ и ПОМ) го формулираат К. Глигоров и Бл. Хаџипанзов (декември 1943). Негативната реакција на овој Приговор членовите на АНОК ја чувствуваат и долго по Ослободувањето. Во почетокот на мај 1944 г. излегува партизан и станува член и секретар на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ и учествува во подготовката на политичкиот реферат. На Првото заседание на АСНОМ (2. Ⅷ 1944) К. Глигоров е секретар на Президиумот и заедно со В. Малинска го водат записникот на седниците. На Заседанието е избран за член на АВНОЈ и потоа упатен на Вис како претставник на Македонија во АВНОЈ. По ослободувањето на Белград (20. Х 1944) се враќа од Вис и наскоро стигнува во Скопје за учество на Ⅱ заседание на АСНОМ (28–31. Претседателот Киро Глигоров ја прогласува независноста на Република Македонија по Референдумот (8 септември 1991) Ⅻ 1944), кога е избран во Президиумот, а потоа и за негов секретар за финансии. Обвинет со групата македонски интелектуалци како автономисти и сепаратисти, и тој е пратен во Белград (март 1945). Определен е за помошник на генералниот секретар на Претседателството на Владата на ФНРЈ (1945–1947), потоа помошник-министер за финансии (1947–1952), па помошник-претседател на Стопанскиот совет на Владата на ФНРЈ (1952–1953), заменик-директор на Сојузниот завод за стопанско планирање (1953–1955), секретар за стопанство – координатор во Сојузната влада (1956), секретар на Секретаријатот на СИС за општостопански работи и истовремено е избран за член на ЦК на СКЈ (1956–1962). Станува сојузен секретар за финансии (1962–1967), а по земјотресот во Скопје (26. Ⅶ 1963) е задолжен од СИС за изработка на програма за обновата на разурнатиот град, како и за спроведување на првите стопански реформи (1965). Поставен е за потпретседател на СИС (1967–1969), па член на Претседателството на ЦК на СКЈ и на Извршното биро (1969–1971), член на Претседателството на СФРЈ (1971–1972), одново член на Извршното биро на Претседателството на СКЈ (1972–1974), Претседател на Собранието на СФРЈ (1974 –1978), член на Советот на Федерацијата (1978–1987) и во 1987 г. е пензиониран (со ангажман во ти-мот за реформи на претседателот на СИС А. Марковиќ). Во февруари 1990 г. се вклучува во Македонскиот форум за подготовка на македонска национална програма и цело време доаѓа од Белград и активно учествува на неговите состаноци, на кои се разгледува ситуацијата во Југословенската федерација и можностите за разврската со осамостојување на Македонија. По изгласувањето на Декларацијата за сувереност на државата (25. Ⅰ 1991), Г. е избран од повеќепартиското Собрание за прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија (27. Ⅰ 1991). При приемот на Република Македонија во членство во ООН (под референцата БЈРМ) одржува прв говор пред Генералното собрание на ОН (7. Ⅳ 1993). На општи претседателски избори со мнозинство гласови повторно е избран за претседател на Републиката (16. Х 1994). На 13. IX 1995 г. во ООН е потпишана Привремената спогодба за нормализација на односите со Грција, на 2 октомври во Белград го потпишува Договорот за меѓусебно признавање со СРЈ, а на 3 октомври 1995 г. во Скопје е извршен неуспешен атентат врз претседателот на Републиката. По неколкумесечното лекување, на 10. Ⅰ 1996 г. претседателот се враќа на својата работна должност. Во Хелсинки со свечена изјава претседателот го потврди пристапувањето на Република Македонија кон Завршниот документ на КЕБС (29. Ⅴ 1996). За успешното и конструктивно водење на државата и вештото регулирање на меѓународните односи на РМ, добитник е на голем број меѓународни награди и признанија. По говорот на Универзитетот во Питсбург (САД) е прогласен за почесен доктор на Универзитетот (21. IX 1997), а во Неапол (Италија) му е врачена Медитеранската награда за мир (5. Ⅰ 1998). По истекот на вториот претседателски мандат, му го отстапува претседателското место на новоизбраниот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Борис Трајковски (19. XI 1999). Незадоволен и револтиран од начинот на водењето на надворешната и внатрешната државна политика, Глигоров повеќепати јавно реагира. По надворешната албанска агресија против македонската држава, тој на претседателот Трајковски јасно му вели: „Ова е класична окупација и работата треба да $ се препушти на Армијата – само Армијата е надлежна, има потенцијал и подготвеност да се справи со состојба на окупација на територијата.“ Во воената криза во Македонија се обновува Форумот за Македонија 2001, во кој пак активно се вклучува и поранешниот претседател на Републиката (29. Ⅵ 2001). Во повеќе јавни настапи го изразува своето незадоволство од потпишувањето на компромисниот Рамковен договор и преку Форумот настојува да се изменат предложените амандмани на Уставот. Тие состојби се одразени и во неговите момоари „Македонија е сè што имаме“, промовирани во МАНУ (26. Ⅳ 2001) и потоа преведувани и промовирани во повеќе земји од Балканот и во Европа. БИБ.: Македонија е сè што имаме, Скопје, 2001; Македонија е сè што имаме. Второ, дополнето издание, Култура, 2002; Атентат… ден потоа, Скопје, 2002; Виорни времиња. Република Македонија реалност на Балканот, Скопје, 2004; Сите југословенски стопански реформи, Скопје, 2006. Бл. Р. Љубе Глигоровски ГЛИГОРОВСКИ, Љубе Голабов