ГИГОВ-АНДРО, Страхил

ГИГОВ-АНДРО, Страхил (Велес, 16. IX 1909 – Скопје, 19. Ⅴ 1999) – припадник на работничкото, синдикалното и комунистичкото движење, учесник во НОБ, партиски и државен раководител, народен херој. Член на Месниот синдикален совет во Велес (1928), на КПЈ (од 1929) и на МК на КПЈ за Велес (од 1932). Кон крајот на 1934 г. бил затворен и осуден на три години робија (1934–1936) во затворот во Сремска Митровица. Бил член на Политичкиот актив на ПК на КПЈ за Македонија (1938–1940). Во летото на истата година бил уапсен и затворен два месеца во Истражниот затвор во Белград, а од крајот на 1940 до 3. Ⅳ 1941 г. во затворот кај Ивањица (Меѓуречје). Кон крајот на 1941 бил избран за секретар на МК на КПЈ за Велес, а во февруари 1942 г. и за секретар на Окружниот комитет во Велес. Од септември 1942 до крајот на февруари 1943 г. бил член на ПК на КПЈ за Македонија. Кон крајот на февруари 1943 бил избран за член на ЦК на КПМ (при неговото формирање), а во март и за член на Гш на НОБ и ПОМ. Бил член на Иницијативниот одбор за свикување на Првото заседание на АСНОМ и делегат на Првото заседание на АСНОМ, каде што бил избран за повереник за соопштенија и градежништво. Бил член и на Второто заседание на АВНОЈ и член на НКОЈ. По војната извршувал повеќе државни функции во Македонија и во Југославија (секретар и член на Президиумот на АСНОМ, министер за градежништво, сообраќај и индустрија во Владата на Македонија, член на ЦК на СКМ, на ЦК на СКЈ, на ГО на ССРН на Македонија, на ЦО на СЗБНОВ, на Советот на федерацијата итн.). Носител е на Партизанска споменица 1941 г. и на други високи признанија и одликувања. ИЗВ.: Гигов Страхил, Сеќавања, Скопје, 1970. ЛИТ.: Народни хероји Југославије, И, Београд, 1982. Ѓ. Малк.