ГЕРМАНСКО-МАКЕДОНСКИ ВРСКИ И ОДНОСИ

ГЕРМАНСКО-МАКЕДОНСКИ ВРСКИ И ОДНОСИ -. се развиваат преку работата на светите Кирил и Методиј во Моравија и Панонија (IX в.) и претставниците на цар Самуил (Ⅹ в.) кај германскиот цар Отон Ⅰ во градот Кведлинбург (Ⅹ в.) во мисија за обезбедување признавање на македонската држава. Во втората деценија од XI в., во времето на крстоносните војни, дел од германските крстоносци кои поминуваат преку македонската територија остварува контакти со македонското население. Од Ⅻ до ⅩⅤⅠⅠ в. германски рудари – Саси работат во кратовските рудници. Во 1777 г. во Солун постои Вицеконзулат на Прусија. Германската политика кон Балканот е протурска. Германската дипломатија со внимание го следи избувнувањето и текот на Илинденското востание и преку амбасадорот во Цариград му сугерира на султанот со енергични мерки да ја задуши македонската револуција. Врз основа на Мирцштешкиот договор, Германија учествува во организирањето на жандармериското училиште во Солун што го раководи мајорот Фон Алтен. Претставник на Германија учествува во работата на Финансиската комисија за Македонија. Во времето на Балканските војни зазела неутрален став и ја прифатила поделбата на Македонија со Букурешкиот договор. Потпишала таен Договор за Сојуз со Бугарија (1915) и гарантирала да ја окупира и да ја анектира целата територија на Македонија под власта на Србија, а во случај на војна со Грција и целиот Егејски дел од Македонија под власта на Грција. Кон крајот на 1916 г. и во почетокот на 1917 г. иницирала, со ВМОРО на Александров и на Протогеров, да се прогласи создавање автономна македонска држава. Водачите не го прифатиле тоа, за нив Македонија била слободна и национално обединета во единствена бугарска држава. Пред почетокот на Втората светска војна на Балканот Германија се обврзала кон Југославија, при пристапување кон Тројниот пакт, да го добие Солун. По превратот во Југославија и по откажувањето од Тројниот пакт донела одлука за уништување на Југославија и со Италија договорила поделба на Македонија меѓу Бугарија и Италија, односно Албанија. Пред капитулацијата на Бугарија (летото 1944) Германија го активирала планот да прогласи создавање независна држава Македонија со ВМРО на Иван Михајлов. По прогласувањето на државната самостојност и на независноста Германија ја поддржала Грција за спречување на признавањето и за прием во ОН под уставното име. Таа ја призна Република Македонија како ПЈРМ. СР Германија ја признава Република Македонија на 8. Ⅳ 1993 г. Дипломатските односи се воспоставуваат на 16. Ⅻ 1993 г. и со тоа (1992) се отвора конзулат на СР Германија во Скопје. Прв вонреден и ополномоштен амбасадор на СР Германија во Република Македонија е Ханс Лотар штефан (Ханс Лотар Степан). Прв вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Македонија во СР Германија е Срѓан Керим. ИЗВ.: Ѓорѓи Стојчевски, Германски документи за политиката на Германија и европските големи сили во Македонија 1904–1910 година, Скопје, 2005. ЛИТ.: Ахил Тунте, Република Македонија – прва декада (1990–1999), Скопје, 2005; Македонија во билатералните и мултилатерални договори, Скопје, 2000; Македонија во меѓународните договори 1913– 1940, Скопје, 2006; Ханс Лотар-штепан, Македонскиот јазол, Скопје, 2004; Германски документи за Македонија, 1, редакција на д-р Марјан Димитриевски, Скопје, 2001. Т. Петр. и М. Мин. Крсте Гермовшаќир