ГЕРМАН

ГЕРМАН – средновисока планина што се наоѓа во крајниот североисточен дел на РМ, помеѓу Славишка Котлина на југ, долината на Пчиња на север, планината Козјак од запад и масивот Билино од исток. Највисок врв е Модра Глава (Герман) (1.390 м н.в). Височината на главното било кое има правец на протегање сз–ји е изедначена на околу 1.300 м, а само наместа се издигаат височинки. Во наведениот правец тоа е долго 9 км. Геолошкиот состав е претставен со: гнајсеви, микашисти, зелени шкрилци и др. Неговите страни се дисецирани со голем број речни текови. Планината е сиромашна со шумска вегетација, поради што се активни рецентните ерозивни процеси. Во највисоките делови е сместено с. Герман. Т. Анд.