ГЕОЛОГИЈА РАЗВОЈ И ДЕНЕШНА СОСТОЈБА ВО РМ

ГЕОЛОГИЈА РАЗВОЈ И ДЕНЕШНА СОСТОЈБА ВО РМ. Најстарите траги од експлоатацијата на златото и среброто потекнуваат од периодот на Александар Македонски (Коњска Река – Гевгелиско, Охридско и др.), а користењето на среброносните и златоносните олово-цинкови руди во Источна Македонија интензивно се одвивало во римскиот период и особено во ⅩⅠⅠⅠ и ⅩⅣ в., од искусните рудари Саси. Со настапот на османлиското владеење рударењето главно замрело и дури во ⅩⅠⅩ в. почнало да се обновува со експлотација на железни, олово-цинкови, а подоцна и на арсен-антимонски и хромни руди. Меѓутоа, првите патописни геолошки информации за Македонија потекнуваат дури од ⅩⅠⅩ в. (1828–1870), од француските геолози Ами Буе (Ами Боуé) и А. Викеснел (А. Виљуеснел). Кон крајот на ⅩⅠⅩ и почетокот на ⅩⅩ в. Македонија била посетувана од геолози од Австрија, Германија, Србија, Бугарија и од други земји, кои оставиле истражувања за геолошката градба на Македонија (Јован Цвииќ, 1902–1924, Франц Космат, 1924). Со создавањето на НРМ и основањето на Геолошкиот институт на НРМ (1944), почнале систематските геолошки истражувања на територијата и се реализирани голем број проекти со кои е осознаена геолошко-тектонската и металогенетската градба, како и хидрогеолошките и инженерскогеолошките одлики на терените на Македонија и се отворени и разработени голем број рудници на полиметали, железо, бакар, хром, никел, глина, архитектонски и друг градежен камен и др. Денес Македонија располага со квалитетен геолошки кадар од дипломирани инженери, магистри и доктори по геологија, кои своето образование го добиле на Рударско-геолошкиот факултет – Штип и на други универзитетски центри во Европа. Н. Дум.