ГЕНЕРАЛНО СОБРАНИЕ на ООН

ГЕНЕРАЛНО СОБРАНИЕ на ООН (Њујорк, 1945 –) – највисокиот претставнички орган на ООН. По правило, Генералното собрание донесува резолуции, препораки и други општи акти што не се директно обврзувачки, туку земјите-членки на ООН, по сопствен избор, ги вградуваат во своите национални законодавства. Се свикува на редовна седница, по правило, секоја трета недела од месецот септември. Со Генералното собрание претседава претседател што се избира за секое заседание од различна држава-членка на ООН. Во 1977 г. за претседател на Генералното собрание на ООН бил избран Лазар Мојсов и во рамките на мандатот во 1978 г. претседавал и со Првото специјално заседание за разоружување. Советот за безбедност е втор по важност орган на ООН. Тој, во извесна смисла, е подреден на Генералното собрание и ги подготвува актите што тоа ги донесува. Во составот на Генералното собрание функционираат и други постојани или повремени органи. ЛИТ.: Мала енциклопедија Просвета Општа енциклопедија, друго издање, т. 2, Београд. Н. В.