ГЕЛЕВСКИ, Живко

ГЕЛЕВСКИ, Живко (Куманово, 18. Ⅶ 1931 – Скопје, 5. Ⅴ 1997) – архитект. Дипломирал на Архитектонскиот отсек на Техничкиот факултет во Скопје (1958). По дипломирањето се вработил во Собранието на град Куманово – Одделение за комунални работи и урбанизам. Работел во проектанската организација „Македонијапроект” како проектант (1964), а потоа во Заводот за заштита на спомениците на културата на град Скопје како директор (1988). Проектирал разновидни објекти и учествувал на повеќе анонимни архитектонски конкурси. Позначајни реализирани објекти: Гимназија „Јосип Броз Тито” во Скопје (1966, со В. Ладински – С. Ѓуриќ); Кошаркарска сала „Работнички” во Скопје (1970, со Т. Димитров); Хотел „Континентал” во Скопје (1972, со Д. Димитров и С. Ѓуриќ); Градски трговски центар во Скопје (1972, со тим); Деловен објект „Светлина” во Куманово (1975); Хотел „Овче Поле” во Св. Николе (1977, со Д. Димитров); Тутунски комбинат – Куманово (1978); Универзална спортска сала во Куманово (1979, со Т. Димитров). Кр. Т.