ГАРВАНСКИ МАСАКР

ГАРВАНСКИ МАСАКР (2. Ⅲ 1923) – во с. Гарван (Радовишко) извршен од воена единица на Кралството на СХС по наредба на жупанот на Брегалничкиот округ Добрица Матковиќ како одмазда за смртта на колонистите во с. Кадрифаково (Штипско) убиени од четата на ВМРО предводена од Иван Јанев-Брло (16. Ⅱ 1923). Селото било гранатирано и биле застрелани без судење 28 селани, меѓу кои и три деца од 13 до 18 години. За настанот имало реакции не само кај домашната туку и од европската демократска јавност. ИЗВ.: ДАРМ, Фонд МНК, сигн. 14; В. „Независима Македония“, бр. 6, 29. Ⅲ 1923 и бр. 9, 19. Ⅳ 1923. З. Тод.