ВТОР ЦРКОВНО-НАРОДЕН СОБОР

ВТОР ЦРКОВНО-НАРОДЕН СОБОР (Охрид, 4 – 6. Ⅹ 1958) – одржан во Соборниот храм на охридските архиепископи „Света Софија“, со учество на 219 делегати на свештенството, монаштвото и македонскиот православен народ, ја возобнови својата древна црква – Охридската архиепископија со име Македонска православна црква. МПЦ доби поглавар, прв по укинувањето на Охридската архиепископија во 1767 г. со титула Негово Блаженство Архиепископ охридски и скопски и Митрополит македонски Доситеј. Соборот избрал и двајца архиереи, Климент (Никола Трајковски) и Наум (Томо Димовски) и одлучил целиот црковен живот да се одвива според Уставот на МПЦ и според каноните на Православната црква. На 5. Ⅹ 1958 г. бил востоличен првиот Архиепископ на возобновената Охридска архиепископија, односно на Македонската православна црква. На 6 октомври се одржала првата редовна седница на Соборот, на која бил донесен првиот Устав на Македонската православна црква. ЛИТ.: Славко Димевски, Историја на Македонската православна црква, Скопје, 1989; Ратомир Грозданоски, Стефан Архиепископ Охридски и Македонски, Скопје, 2000; Доне Илиевски, Македонското православно свештенство во борба за национална и црковна слобода, Скопје, 1987; Автокефалноста на Македонската православна црква, Скопје, 1972; Доне Илиевски, Архиепископ Охридски и Македонски Доситеј, Скопје, 1995. Рат. Гр.