ВОЕНИ БАЗИ ВО РМ

ВОЕНИ БАЗИ ВО Република Македонија – организирани упоришта на домашна, странска или меѓународна воена сила во РМ. Прва воена база на меѓународни сили во Република Македонија (јануари Ⅴ 1993) е Абл Сентри на мировните сили на ООН – УНПРОФОР/УНПРЕДЕП во која се стационираат американскиот и нордиските баталјони – УСАБАТТ и НОРДБАТТ. Следува базата Талон, (26.XI 1998) во објекти на АРМ во близината на Куманово како база на Косовскиот верификационен координативен центар на НАТО, дел од операцијата на НАТО на Косово –„Орлово око”. На 10.Ⅻ 1998 г., во близината на Куманово се воспоставува базата на т.н. сили за извлекување на НАТО како дел од мисијата „Решителен гарант” во функција на извлекување на верификаторите на ОБСЕ од Косово. Овие две бази функционираат до почетокот на нападите на НАТО врз СР Југославија (февруари 1999). Од март до јуни 1999 г., на територијата на Република Македонија се воспоставува воена база на силите на НАТО за т.н. подготвителни сили на КФОР за Косово. Во јуни 1999 г., во Скопје се формира Заднински штаб на КФОР за логистичка поддршка на КФОР. штабот функционира и денес како дел од Единствениот штаб на НАТО во Скопје. Базата е лоцирана во близина на аеродромот „Петровец” крај Скопје и е наречена Абл Сентри. ИЗВ.: Министерство за одбрана на РМ, Скопје, 2007. Т. Петр.