ВИДИНИЌ, Благоја (Скопје, 11. Ⅵ 1934 – Стразбур, 29. Ⅻ 2006) – фудбалер. Завршил гимназија во Скопје (1953). Во ФК „Вардар” во Скопје бил голман на јуниорската фудбалска екипа (од 1948). Набргу станал голман на сениорскиот тим, за кој одиграл вкупно 144 натпревари, од кои 84 првенствени. Преминал во ФК „Раднички” од Белград (1955). Бранел за Младинската фудбалска репрезентација на Југославија, со која освоил златен медал на турнирот на УЕФА, одржан во Франција (1951). Двапати настапувал за Олимписката репрезентација на Југославија. На Олимписките игри во Мелбурн (1956) освоил сребрен, а во Рим (1960) златен медал. За „Б” репрезентација на Југославија бранел осум а за „А” деветпати. Освоил сребрен медал и бил прогласен за најдобар голман на натпреварите за Куп на европските нации во Париз (1960). Го бранел голот и на Студентската репрезентација на Југославија на мечот против Франција во Скопје (1953). Како селектор успеал да ги одведе на светски првенства за првпат: фудбалската репрезентација на Мароко во Мексико (1970) и репрезентацијата на Заир во Германија (1974). Д. С. Видое Видичевски