ВЕСЛИЕВСКИ-ОВЧАРОТ, Наум

ВЕСЛИЕВСКИ-ОВЧАРОТ, Наум (с. Златари, Ресенско, 1921 – с. Јанкоец, Ресенско, 28. 12. 1972) – комунистички деец, легендарен воен командант и потполковник на НОВЈ. Бил член на СКОЈ (1941) и КПЈ (1942) и еден од организаторите на НОАВМ: заменик-командант на НОПО „Даме Груев” (1942), командант на Првиот НО баталјон „Мирче Ацев” (18. Ⅶ 1943), политички комесар на Третата македонска НОУБ (март – 6. Ⅷ 1944), командант на Втората македонска НОУБ (25. Ⅷ – 25. IX 1944), командант на Четириесет и првата (македонска) дивизија на НОВЈ (25. IX 1944 Наум Веслиевски -Овчарот ‡ 1945) и командант на Осмата (македонска) дивизија на КНОЈ (1945). Бил учесник на Првото заседание на АСНОМ. По Ослободувањето ја завршил Воената академија „Фрунзе” во Москва (1945-1947), а по враќањето бил командант на Третата ударна дивизија. Осомничен во врска со Резолуцијата на Информбирото, западнал во психичка криза и трагично завршил во Душевната болница „Бардовци”. Опеан е во една народна песна. ИЗВ.: „Билтен на Вш на НОВ и ПОЈ“, ИВ, 44-45, Положај, септември-октомври 1944; АВИИ, Белград, к. 240, рег. бр. 1–2/4 и 1–16/4; Зборник НОР, т. Ⅶ, кн. 2, 91 и 168. ЛИТ.: Голооточки сведоштва. Личности и судбини. Текстови-редакција Димче Најчески, книга втора, Скопје, 2002, 103–108. С. Мл.