ВЕРСКИ ШКОЛИ ВО МАКЕДОНИЈА

ВЕРСКИ ШКОЛИ ВО МАКЕДОНИЈА – средни училишта за подготовка и образование на кадар за потребите на црковните служби и религиозните обреди на разните вероисповеди, надвор од државниот образовен систем. Според Уставот, сите вероисповеди имаат право на школување кадар за своите религиозни потреби. Свои верски училишта имаат организирано православната и муслиманската заедница (Скопје, по едно училиште). Првото православно училиште во Македонија е отворено во 1869 г. во Штип од познатиот педагог Јосиф Ковачев, а било наречено Педагошко-богословско училиште. Обиди за отворање вакви училишта во ⅩⅠⅩ в. имало и во други градови (Прилеп, Битола, Скопје). Меѓу двете светски војни богословско училиште со четиригодишен наставен курс било отворено во Битола (1921) од страна на Српската православна црква за подготвување квалификувани свештеници. Во рамките на муслиманската вероисповед училиштето од ваков вид е познато под името медреса. Најстаро вакво училиште се смета Исак-беговата медреса, основана во Скопје во 1440 г. Во 1924 г. во Скопје е основано вакво училиште под името Велика медреса. Иако било предвидено наставата да се изведува на турски јазик, таа се изведувала на српски јазик. ЛИТ.: Р. Кантарџиев, Историја на образованието и просветата во Македонија, Скопје, 2002. К. Камб. ВЕРСКО ПОВЕРЕНСТВО при Главниот штаб на НОВ и ПОМ