ВЕЛИЧКОВСКИ, Боне

ВЕЛИЧКОВСКИ, Боне (с. Црешево, Скопско, 14. Ⅻ 1948) – филолог, библиограф, научен советник, истражувач на детскиот фолклор и кратките жанрови при Институтот за фолклор „Марко Цепенков” во Скопје. Завршил гимназија и Филозофски факултет – Група за француски јазик и литература во Скопје (1974). По вработувањето како библиограф во Институтот (1. Ⅶ 1976), магистрирал на Филозофскиот факултет (Група историја и теорија на книжевноста) во Белград (1993), по што бил прераспределен за асистент-истражувач на детскиот фолклор и кратките жанрови. Докторирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје на тема „Заемните влијанија меѓу македонските народни пословици и поговорки и пословиците и поговорките на другите балкански народи” (1999). БИБ.: Македонско-ромски и ромско-македонски речник, Скопје, 1998 (со коавтор); Ѕид без малечки камчиња не стои. Пословични паралели, Скопје, 2001; Дизионарио Ром-Италиано, Италиано-Ром, Битола, 2002 (со коавтор). Македонско-англиски и англиско-македонски пословични паралели, Скопје, 2002; Француски пословици и нивните македонски еквиваленти, Скопје, 2004; Руско-македонски и македонско-руски пословици, Скопје, 2005.ЛИТ.: 50 години Институт за фолклор. Библиографија на изданијата на Институтот за фолклор „Марко Цепенков” – Скопје и на магистерските и докторските дисертации на соработниците 1950-2000. Подготвила Мирјана Анастасова, Скопје, 2000, 127 и 148; Реферат за избор на научен советник-истражувач на детскиот фолклор и кратките жанрови во Институтот за фолклор „Марко Цепенко” во Скопје, Билтен на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, бр. 906, Скопје, 1. XI 2006, 201-208. С. Мл. ВЕЛИЧКОВСКИ, Владимир