КРЛЕЖА, Мирослав

КРЛЕЖА, Мирослав (Загреб, 7. Ⅶ 1893 – Загреб, 29. Ⅻ 1981) – најсестраниот хрватски книжевник, со исклучителна творечка активност, и највлијателна книжевна личност меѓу двете светски војни. По Втората светска војна народен пратеник, академик, директор на Лексикографскиот завод во Загреб. Во своите лирски песни и поеми стилот на Крлежа се движи од импресионизам до експресионизам и сатиричен израз. Во средиштето на творештвото на Крлежа се наоѓа неговата драмска дејност. Обемна и разнолика, таа е трајна потврда на Крлежината внатрешна потреба да го прикаже својот поетски свет во сценски, дијалошки облик, во страстен судир со сопствените противречности. Крлежа е автор на обемен есеистички и полемички опус во кој расправа за теоретските ликовни и книжевни прашања, а води и бескомпромисни полемики со современиците (Мојата пресметка со нив, 1932). Во 1979 г. го добил Златниот венец на СВП. БИБ.: Најзрели негови остварувања се драмите од т.н. Глембаевски циклус: Господа Глембаеви, 1929; Во агонија, 1928 и Леда, 1939. Неговата новелистичка и романсиерска дејност најцелосно ја зафатила воената и повоената тематика (Хрватскиот бог Марс, 1922; Враќањето на Филип Латиновиќ, 1932). Посебно место во творештвото на Крлежа и во хрватската книжевност заземаат Баладите на Петрица Керенпух (1936). ЛИТ.: Бл. Конески, Поетските елементи во делото на Крлежа, „Поезија”, СВП, Струга, 1979. П. Гил.