БУРДОНСКИ ДВОГЛАС

БУРДОНСКИ ДВОГЛАС -. двогласно пеење како основна форма на звучно обликување на една мелодија врз основа на неподвижниот втор глас. Македонскиот народен двоглас, како најстара форма на повеќегласјето, содржи голем број особености. Почетоците на бурдонскиот начин на пеење во Македонија се наоѓаат во антифоното пеење, и тоа во зоната на сменувањето и преклопувањето на гласовите, кога пејачките од првата група го завршуваат своето пеење на последниот или на вториот, односно на третиот тон одназад. Во тој момент, од истиот тон започнуваат да пеат пејачките од втората група, прифаќајќи ја мелострофата од првата група. Групата се состои од три пејачки, Една од нив „води”, „вика’”, „узвикуе” – ја пее мелодиската линија од првиот глас, а другите две „бучат” – држат бурдон (ја пеат мелодијата од вториот глас). Р. В.