БУГАРСКА НАРОДНА МАКЕДОНО-ОДРИНСКА РЕВОЛУЦИОНЕРНА ОРГАНИЗАЦИЈА

БУГАРСКА НАРОДНА МАКЕДОНО-ОДРИНСКА РЕВОЛУЦИОНЕРНА ОРГАНИЗАЦИЈА (пролетта на 1910–1918) – конспиративна организација, формирана од Тодор Александров, кој ја обновил мрежата на проврховистичкото крило на ВМОРО. Организацијата ја раководел Главен револуционерен комитет, кој објавил обновување на оружената борба (1. Ⅷ 1910). Организацијата го променила името и го зела поранешното име на Револуционерната организација ВМОРО (почетокот на 1911), со раководно тело Централен револуционерен комитет (Тодор Александров, Петар Чаулев и Александар Протогеров). Во Македонија засилено навлегувале вооружени чети од Бугарија кои ја одржувале и ја проширувале мрежата на Организацијата со терор. До почетокот на Првата балканска војна (1911– 1912), со мали групи, според инструкции од Тодор Александров, тие извршувале атентати на железниците и врз населението во градовите и во поголемите села за да ги предизвикаат османлиските власти на жестока реакција и насилства и да го забрзаат влегувањето на Бугарија во војна за Македонија. Во декември 1912 г. Централниот комитет не очекувал Србија да го отстапи окупираниот Вардарски дел на Македонија, па затоа барал од царот Фердинанд и од Владата на Бугарија да не прават отстапки, со војна да ја присоединат цела Македонија. Кога Бугарија влегла во Првата светска војна (1915) и го окупирала Вардарскиот дел на Македонија, Организацијата се вклучила во бугарскиот военоокупаторски режим. ЛИТ.: Иван Катарџиев, Сто горини од формирањето на ВМРО, сто години револуционерна традиција, Скопје, 1993; Цочо Билярски, Документи на Българската Народна Македоно-Одринска револяционна организация от 1910 година, „Векове”, 5, 1986; История на Българите 1878-1944. Документи, 1, 1878-1912, ч. 2, София, 1996. М. Мин.