БРАННИК

„БРАННИК“ – бугарска младинска фашистичка организација, формирана од Бугарското собрание во декември 1940 г. Била формирана по углед и копија на германската „Хитлер југенд“ (Хитлеровата младина). Во Македонија е организирана во есента на 1941 г. Членовите биле привилегирани како во училиштата така и во јавниот живот. Целта била од секој младинец да се направи експонент на фашизмот и да го мрази секој што не е Бугарин или Германец. Организацијата ја раководеле главен раководител и Главен штаб. Организационо била поделена на области, на дружини и на чети и јадра. Полицијата ги користела за прибирање информации за учениците и младинците припадници на НОД во Македонија. Се расформирала во септември 1944 г. ЛИТ.: Ѓорѓи Малковски, Бугарската фашистичка организација Браник во Македонија 1941–1944 година, Скопје, 1992. Ѓ. Малк.