БОШКОВ, Ванчо

БОШКОВ, Ванчо (Неготино, 1934 – Скопје, 1984) – ориенталист, османист, универзитетски професор. Во 1957 година дипломирал на Катедрата за ориенталистика во Сараево. Пет години работел во Државниот архив на Македонија, превел повеќе турски сиџили (досиеја) и турски документи од 1600-1912 г., три години бил на специјализација во Каиро. Две години бил на истражување во Историскиот институт во Минхен, каде што ја проучувал историјата на Блискиот Исток и турската култура, по одобрување на САНУ вршел проучување на турските документи во Архивот на Света Гора во Солун. Бил визитинг професор по Османистика на Универзитетот во Виена и во други универзитети во Германија. 20 години бил редовен професор по османски јазик и турска литература на Сараевскиот универзитет. Во 1981 г. преминува на Скопскиот универзитет на Катедрата за турски јазик и литература. Го истражувал турскиот јазик и литературата во Македонија од ⅩⅤ век. Докторирал на „Газелијата на диванскиот поет Исхак Челеби” од Скопје. Има објавено научни трудови од османско-турски документи, диванско-турска литература, критики, и трудови објавувани во повеќе енциклопедии. А. Аго Марија (Мери) Бошкова