БОЖИКНИ НАРОДНИ ПЕСНИ

БОЖИКНИ НАРОДНИ ПЕСНИ – песни што се пеат на христијанскиот празник Божик. Тоа се три празнични дена исполнети со многу свечености, гозби и пее-ње. Песните и обичаите претставуваат продолжение на претходните обичаи и песни поврзани со Бадник. Уште повеќе што во коледарските песни се споменува и малиот Бог Божик (Денеска е Бадник, / утре е Божик или Таму има мала Бога, / мала Бога и Божика). И во овие песни ги имаме сите одлики на коледарските песни – радост поради повторното раѓање на Сонцето и желба за плодна година, но се исполнети со повеќе елементи од христијанската религија. Особено впечатливи се песните засновани на евангелските текстови, во кои се пее за силната светлина што се јавила кога се родил Исус и ги исплашила овчарите и козарите: Она страна оган горит, / ветер веит, не го силит, / роса росит, не го гаснит. / Не ми било силен оган, / туку била Ристовата, / Ристовата мила мајка, / го стигнала Риста Бога, / Риста Бога малечкаго… ЛИТ.: Вера Кличкова, Божиќни обичаи во Скопската Котлина, „Гласник на Етнолошкиот музеј”, 1, Скопје, 1960; Наум Целакоски, Дебарца, обреди и обредни игри, Скопје, 1984; Кирил Пенушлиски, Одбрани фолклористички трудови, 2, Скопје, 1988; Марко Китевски, Македонска народна лирика, (Обредни песни), Скопје, 1997. М. Кит.