БОГОЕВ, Ратко Милентиев (Гостивар, 20. Ⅲ 1922 – Скопје, 5. Ⅲ 1990) – деец на КП, првоборец. Средно образование завршил во Скопје (1939/40), студирал на Електро-машинскиот факултет во Белград (1940), каде што станал член на СКОЈ, а потоа и член на КПЈ (1941) и на МК на КПЈ во Скопје. Наскоро бил уапсен и осуден (септември 1942 – септември 1944). Во НОАВМ бил политички комесар на баталјон, а потоа соработник на Агит-проп на Гш на НОВ и ПОМ. По Ослободувањето бил оперативен офицер (капетан) на ОЗНА (септември 1945 – април 1947) и началник во Владата на НРМ. По Резолуцијата на Информбирото бил уапсен и спроведен на Голи Оток (септември 1948 – март 1954), а потоа работел во трговски претпријатија. Носител е на Партизанска споменица 1941. ЛИТ.: Димче Најчески, Голооточки сведиштва, Последици, книга трета, Скопје, 2006. С. Мл.