БОГДАНОВ-КОЧКО, Петре

БОГДАНОВ-КОЧКО, Петре (Скопје, 12. Ⅲ 1913 – Скопје, 22. Ⅱ 1988) – композитор, оперски пејач и општественик. Се запишува во Средното музичко училиште во Белград (1933), а потоа и на Филозофскиот факултет. Определен за напредното револуционерно движење, учествува во низа младински акции. Учесник во НОБ, носител на Партизанска споменица 1941. По Ослободувањето е еден од петтемина први организатори на музичкиот живот. Најголем придонес има во основањето на Операта на МНТ, во нејзината работа и просперитет, како солист на главни тенорски партии (19471954): Туриду („Кавалерија Рустикана”), Алфредо („Травијата”), Канио („Палјачи”), Марио Каварадоси („Тоска”), Јеник („Продадена невеста”)и др. Директор е на Операта (1958– 1962). Врши и други општествени функции. Неговото творештво речиси исцело $ е посветено на Револуцијата и произлегува од револуционерниот занес на авторот. Тоа се огледа како во неговите хорски композиции („Бригадата иде”, „Мајка Угра”, „Ој Милево”, „Манифестација” и др.) и во борбените песни („Овде е младоста на Југославија”) така и во песните за глас и пијано – најбројната област во творештвото на композиторот („Ленка”, „Купувач на старо”, „Караорман”, „Дојдовме”, „Слово за слободата” и низа други). Др. О.