БИДЕВ, Павле (Приеполе, 22. Ⅵ 1912 – Игало, 16. Ⅰ 1988) – професор по филозофија, полиглот, стручен преведувач, шаховски теоретичар, публицист, прв македонски шаховски мајстор, преведувач од повеќе јазици. Во шаховската игра го упатил неговиот очув д-р Алексеј Степанович Полканов уште на 11-12-годишна возраст. Поради неговата болешливост, отпрвин се занимавал со дописен шах. На шаховската арена првпат се појавил на Државниот аматерски шаховски турнир во Скопје (1937). Бил неколкукратен шампион на НРМ во шах (1946-1955). На Третиот шаховски шампионат на ФНРЈ (Љубљана, 1947) ја освојил титулата шаховски мајстор. Подолго време работел како стручен преведувач во ИНИ во Скопје до пензионирањето (1. Ⅻ 1957 – 1. Ⅷ 1972). Го сметале за најголем шаховски стратег во Југославија. Повеќе од четири децении ја проучувал филозофијата и историјата на шахот, посебно древната култура на Индија и Кина. Објавил околу 60 научни трудови. Капитално дело му е „шахот – симбол на космосот”, објавено по повод шаховската олимпијада во Скопје (1972), со предговор од некогашниот светски првак во шах и претседател на ФИДЕ д-р Макс Еве. За неа се здоби и со титулата доктор на науките. Тој ја истражил генезата на шахот од кинеската астрологија до индиската мистика, ги отфрлил дотогашните теории на разните истражувачи на минатото на шахот и докажал дека тој води потекло од кинескиот прашах од 569 г. и дека настанал како астролошка концепција за прогнозирање на државните случувања и исходот од воените судири. БИБ.: шахот – симбол на космосот, Скопје, 1972. ЛИТ.: Први македонски шаховски мајстор, „Политика”, ЛЏЏИЏ/24740, Београд, 21. Ⅷ 1982, 16; М. Ѓошевски, шахот како клуч за онтолошката структура на космосот – откритието на Павле Бидев, Историја на идеите на почвата на Македонија, 11, Скопје, 2000, 181-186. С. Мл. – В. Панз. Владислав Бидиков