БИЏОВА-ГАЈДОВА, Васка

БИЏОВА-ГАЈДОВА, Васка (Прилеп, 26. Ⅵ 1924) – оперска певица – колоратурен сопран, првенка и една од првите солистки на Операта на МНТ. Соло-пеење учела кај П. Богданов-Кочко, Н. Кунели, П. Холотков и во Љубљана (Ј. Бетето). Постојан член на Операта и Балетот на МНТ (1948–1978). Во меѓувреме (1958) дипломира на Високата школа за музичка и театарска уметност во Виена со улогата на Кралицата на ноќта во операта Волшебната флејта. Настапувала и на концертниот подиум, особено исполнувајќи вокални творби од македонски композитори. Од 15 остварени улоги, се издвојуваат: Констанца (Грабнување од сарајот), Лучија (Лучија ди Ламермур), Розина (Севилскиот бербер), Џилда (Риголето), Адина (Љубовен напиток). Поседува чист колоратурен сопран, со широк дијапазон, технички совршен, способен со својата изразност да предаде и најсуптилни душевни состојби. Ф. М.