АРСОВСКИ, Панче Крстев (Скопје, 1922 – 13. XI 1944) – работник, политички и воен раководител. Потекнува од учителско семејство. По завршувањето на основното училиште, го изучувал чевларскиот занает. Како калфа, станал член на Урсовите синдикати (1938) и член на Управниот одбор на Синдикалната подружница на кожарските работници (1939 – крајот на 1940). Бил еден од организаторите на Музичката секција на КУД „Абрашевиќ”. По Априлската војна (1941) бил примен за кандидат-член, а наскоро и член на КПЈ и раководител на Партиската ќелија на кожарските работници (јуни 1941). Бидејќи била забранета работата на КУД „Абрашевиќ”, бил еден од иницијаторите за формирањето на Музичкото друштво „Македонија” (крајот на јуни 1941), кое од одржуваните приредби собирало материјални средства за Народната помош. Партиски дејствувал и во скопските села. По една акција бил уапсен (септември 1941) и осуден на три години и четири месеци, а затворската казна ја издржувал во Скопскиот затвор и во Плевен и Варна (Бугарија). По враќањето (март 1944) ја продолжил партиската дејност и стапил во единиците на НОВ и ПОМ (јуни 1944). Наскоро бил назначен за политички комесар на чета во Третиот баталјон на Дванаесеттата македонска (скопска) НО бригада (септември 1944). Како командир на ударна група во борбите за ослободувањето на Скопје бил ранет и загинал во уличните борби. ЛИТ.: Боро Кралевски, Беа, загинаа, останаа, Скопје, 1969, 28; Кузман Георгиевски, Судските процеси против скопските комунити во 1941 година. Скопје во НОВ 1941. Материјали од научниот собир, Скопје, 1973, 355 и 357; Митре Инадески, Хронологија на Скопје. Работничкото и народноослободителното движење 1939-1945, книга втора, Скопје, 1974, 53, 54, 56 и 178. С. Мл. Петар Арсовски