АРСОВ, Димитар Тодоров

АРСОВ, Димитар Тодоров (Крива Паланка, 28. IX 1908 – Скопје, 2. Ⅶ 1974) – спец. интернист, ревматолог, редовен проф. на Мед. ф., академик. Матурирал во Куманово (1926), студирал во Париз, Франција (1926–1932) и докторирал на Сорбона (1936). Од 1932 г. е асистент во клиниките на Универзитетот во Париз. Од 1939 до 1941 г. е хонорарен лекар на Интерното одд. во Железничката и во Армиската болница во Скопје, лекар на Интерното одделение и шеф на Градното одделение при Државната болница во Скопје (1941 –1944) и шеф на Интерното одделение при Земската болница во Скопје (1944–1947). Во 1947 г. е избран за асистент, потоа за доцент (1950) и вонреден професор (1957), а во 1958 г. за редовен професор на Катедрата за интерна медицина на Мед. ф. во Скопје. Од 1952 г. бил управник на Интерната клиника при Мед. ф. во Скопје (до неговата смрт). Две години истовремено бил и в.д. управник на Инфективната клиника во Скопје. За редовен член на МАНУ бил избран на 18. Ⅷ 1967 г., како прв редовен член од областа на медицинските науки. Бил член на Ассоциатион дес медицине де лангуе франçаисе, на Друштвото на кардиолозите на Југославија, на Европското и на Интернационалното кардиолошко друштво, на Друштвото на ревматолозите на Југославија, на Европското и Интернационалното ревматолошко друштво, долгогодишен претседател на Интернистичката секција при МЛД, претседател на Ревматолошката секција при истото друштво, бил член на Управата на Здружението на кардиолозите на Југославија, и на Здружението на ендокринолозите на Југославија. Добил плакети од Светското хематолошко друштво во Париз, од Универзитетот и Градското собрание на Безансон (Франција). Промовиран е за доцтор хонорис цауса на Универзитетот во Безансон (Франција) (1961). Објавил над 200 научни и стручни трудови, соопштенија и дискусии во македонски, југословенски и странски списанија, на симпозиуми и конгреси. Автор е на повеќе учебници. Во нив воведува низа стручни изрази, кои влегуваат во македонската стручна терминологија, а ги карактеризираат основните пропедевтички поими во интерната медицина. Со истражувањата навлегува во сите подрачја од интерната медицина. Во неговите изучувања видно место заземаат социјалните болести; клиниката на пегавиот тифус, маларијата и нејзините последици во годините пред Војната и во првите години потоа, до ерадикацијата на оваа ендемична болест од Македонија; калаазарот кај возрасните – болест во период кога се сметало дека кај нас се јавува само како паразитоза во детската возраст; хепатитот во првите негови манифестации во Македонија како епидемична болест; истражувал за дијабетесот кај нас; за проблемите на зголемениот крвен притисок и срцевите болести; за проблемот на уролитијазата во Македонија; за проблемот на потхранетоста; за желудочните и цревните болести во нашата патологија; за современото лекување и дијагностицирање на болестите на крвта; на миокардниот инфаркт и на хипертиреозата. Оригинален придонес е неговата студија за интравенската примена на адреналинот во лекувањето на ревматската треска и ревматскиот ендокардит. Во последните години од животот своето внимание особено го свртува врз ревматските заболувања воведувајќи нови дијагностички методи и модерна терапија. Бил редактор и член на редакциите: „Македонски медицински преглед”, „Ацта медица Иугославица”, „Буллетин Сциентифиљуе”, „Прилози” (МАНУ). Преку дневниот печат објавил бројни написи за актуелните прашања од областа на медицината. Во својата активност ги соединил квалитетите на врвен здравствен работник, лекар специјалист интернист, педагог и научник. Тој е креатор на модерната интерна медицина кај нас. Како врвен педагог, професор по интерна медицина на Мед. ф. учествувал во додипломската и подипломската настава. ИЗВ.: Реферати за кандидатите за членови на МАНУ, Скопје, 1967; Летопис на МАНУ, Скопје, 1968, 91–92; СПОМЕНИЦА посветена на Димитар Арсов, редовен член на Македонската академија на науките и уметностите, Скопје, 1978, 7–39. БИБ.: Преглед на заразните болести. Учебник за студенти по медицина, Скопје, 1961; Преглед на внатрешните болести. Ревматични болести. Учебник за студенти по медицина, кн. И, Скопје, 1963; Елементарна интерна медицина за студенти по стоматологија, Скопје, 1964; Внатрешни болести. Учебник за средните медицински училишта, Скопје, 1967. М. Пол. АРСОВ, Љубомир Димитров