АНДРЕЕВ-РОНКАТА, Бане

АНДРЕЕВ-РОНКАТА, Бане (Велес, 12. Ⅷ 1905 – Скопје, 3. XI 1980) – комунистички деец, затвореник, борец, политичар и државник. Како член на СКОЈ (1922) и на КПЈ (1923), бил член на МК на СКОЈ, на МК на КПЈ во Велес, член на ПК на СКОЈ за Македонија (1924), делегат и учесник на Покраинските конференции на СКОЈ за Македонија, делегат на Третиот конгрес на СКОЈ (1926) и др., по што бил уапсен и осуден (август 1926 – мај 1927). Како студент на Белградскиот универзитет, бил член на ПК на СКОЈ за Србија (ноември 1927 – јуни 1928), кандидат-член и потоа кооптиран член на ЦК на СКОЈ. Повторно бил уапсен (јануари 1929) и осуден на 15 години, а казната ја издржувал во затворите во Сремска Митровица и Лепоглава (јануари 1929 – јули 1941). По враќањето во Македонија бил политички секретар на ПК на КПЈ за Македонија (септември 1941 – мај 1942) и член на ЦК на КПМ (28. Ⅱ 1943 – 1948). По апсењето во Битола (април – јуни 1943), бил интерниран во с. шијаково (Северна Бугарија) (јули – ноември 1943). По враќањето бил вклучен за член (до мај 1944), а потоа и политички комесар на Гш на НОВ и ПОМ (јуни – октомври 1944). Бил делегат на Ⅰ заседание АСНОМ, член на АВНОЈ и на Уставотворното собрание, министер за рударство во Владата на ДФЈ/ФНРЈ и кандидат за член на ЦК на КПЈ. Определувајќи се за Резолуцијата на ИБ, бил исклучен од КПЈ (декември 1949), но бил оставен на работни должности во СР Србија до пензионирањето (1965). Носител е на „Партизанска споменица 1941”. БИБ.: Активен партиски и синдикален работник, Кочо Рацин во спомените на соработниците, „Култура”, Скопје, 1972, 13-126. ЛИТ.: Историја на македонскиот народ, книга трета, ИНИ, Скопје, 1969; Кирил Размов, Бане Андреев не решавал за Голи Оток, „Нова Македонија”, ЏЛВИ, 15536, Скопје, 25. Ⅳ 1990, 11; Историја на македонскиот народ, том петти, ИНИ, Скопје, 2003. С. Мл. Катина Андреева