АНГЕЛОВ, Димитар Ташов

АНГЕЛОВ, Димитар Ташов (Димката Габерот) (с. Ваташа, Кавадаречко, 14. Ⅹ 1916 – месноста Клинска Леса, Кавадаречко, 10. Ⅵ 1943) – учител, деец на комунистичкото движење и еден од организаторите на Народноослободителното движење во Тиквешијата, воен раководител. Завршил учителска школа во Белград, Заечар и Неготин Краина. Бил член на МК на КПЈ во Кавадарци (1940). Извесно време бил уапсен во Велешкиот затвор. По фашистичката окупација бил учител во селата Дабниште и Радња, а потоа преминал во илегалство (1942). Бил политички комесар на Тиквешкиот НОПО „Добри Даскалов” и на Третата оперативна зона на НОВ и ПОМ (1943). Загинал во поставена заседа од бугарската војска и полиција при преминот на Црна Река. Опеан во повеќе народни песни. ЛИТ.: Александар Грков, Тиквешијата во НОБ. Зборник на паднатите борци и жртви на фашизмот од Кавадаречко, Кавадарци, ѕ.а.; Диме Боев, Димката Анге-лов-Габерот, учител и револуционер, Кавадарци, 1987; Ѓорѓи Малковски, Последниот куршум за себе. Кон 45-годишнината од херојската смрт на Димката Анге-лов-Габерот и Тодор Ангеловски – Тошо Даскалот, „Нова Македонија”, ЏЛИВ, 14864, Скопје, 11. Ⅵ 1988, 14. С. Мл.