АНАСТАСОВИ

АНАСТАСОВИ – семејство од Крушево што се занимавало со зографство во текот на ⅩⅠⅩ в. Најстариот за кој се знае е Анастасиј Христов, чии потпишани икони во црквата „Св. Богородица” во с. Бела Црква кај Крушево датираат од 1826 г. Потпишувајќи се на грчки и на црковнословенски јазик, иконите на Анастасиј се следат до 60-тите години на ⅩⅠⅩ в., особено во Гевгелиско, Кавадаречко и во Западниот дел на Македонија. Во литературата се именува и како Атанас. Неговите синови Вангел, Коста (Костадин) и Никола Анастасови се едни од најплодните зографи во обновените или новоизградени цркви од втората половина на ⅩⅠⅩ в. Подеднакво работат на ѕидното сликарство и на иконописот, најчесто сите заедно или одделно. Нивните потписи се среќаваат во црквите во Прилепско, Демирхисарско, Крушевско, Кавадаречко, но и на територијата на денешна Грција. Овие зографи сликаат брзо, оттаму и квантитетот на делата, без уметнички амбиции, се на ниво на занаетчиска исполнителност. ЛИТ.: А. Василиев, Български възрожденски майстори, София, 1965, 278–279; К. Балабанов, Крушево и Крушевско, Крушево, 1978, 311–313; А. Николовски, Евиденција и стручна документација на верските објекти во Крушевскиот крај, „Културно наследство”, 14-15, Скопје, 1990, 135–136; Цв. Грозданов, Уметноста и културата на ⅩⅠⅩ век во Западна Македонија, Скопје, 2004; В. Поповска-Коробар, Икони од Музејот на Македонија, Скопје, 2004, 324. В. П.-К.