АНАРХИСТИЧКИ ГРУПИ И ОРГАНИЗАЦИИ во Македонија

АНАРХИСТИЧКИ ГРУПИ И ОРГАНИЗАЦИИ во Македонија – групи и кружоци што се појавиле пред крајот на ⅩⅠⅩ в. под влијание на анархизмот од Западна Европа и нихилизмот и анархизмот од Русија. Во 1898 г. од Женева се вратиле во Македонија Петар Манџуков и Славе Мерџанов и формирале анархистички кружоци во Солун од ученици од Солунската егзархиска гимназија, а во Скопје од редот на учениците на егзархиското Педагошко училиште. Скопскиот анархистички кружок ги ширел идеите на анархизмот со конспиративно растурање на материјалот насловен „Азбуката на анархистичкото учење”. Пред Илинденското востание активна била групата револуционери приврзаници на индивидуалната борба познати како „гемиџии”, кои ги извршиле солунските атентати (28. Ⅳ – 1. Ⅴ 1903). Конспиративниот социјалистички анархистички кружок во Солун (1911–1912) под името Меѓународно балканско револуционерно здружение „Црвени браќа” го издавал својот литографиран весник „Фар”. Организирани групи имало и во Кукуш, Струмица, Куманово и Кратово. За прашањето на Македонија упатиле „Отворено писмо” (1911) до Владата и до печатот во Цари-град, Софија, Белград и Атина. Во Привременото претставништво на поранешната ВМРО (1919) била претставена и група од приврзаници на анархистичко-болшевички идеи. Во 1946 г. во НРМ била откриена конспиративна група, со свое раководство, која самата се нарекувала анархисти. ЛИТ.: Петар Манџуков, Предвесници на бурата. Мемоари, 1, Скопје, 1997; Манол Пандевски, Социјалистичко-анархистичкиот кружок. Црвени браќа во Македонија во 1911–1912; –, Работничкото движење во Македонија до 1929 година, Скопје, 1971; Михајло Миноски, Авнојска Југославија и македонското национално прашање (1943–1946), Скопје, 2000. К. Мин. Св. Анастасиј (Спасо) Радовишки