АЛИ-ЧАИР (Прилеп) – археолошко наоѓалиште, откриено при изградбата на градската населба Али Чаир. Со заштитни сондажни ископувања (1968 и 1972) биле откриени керамички садови и други артефакти од еднослојна населба, според кои е извршена временска и културна детерминација на доцниот неолит во Пелагониската котлина. Северно од неа на околу 100 м биле најдени две мермерни плочи со релјефни претстави на римските божици Венера и Минерва. ЛИТ.: Благоја Китаноски, Али Чаир – Прилеп, неолитска населба, „АП“, 11, Београд, 1969. В. С.