АДМИНИСТРАТИВНО-ЦЕНТРАЛИСТИЧКИ ЕКОНОМСКИ СИСТЕМ ВО ДФМ/НРМ

АДМИНИСТРАТИВНО-ЦЕНТРАЛИСТИЧКИ ЕКОНОМСКИ СИСТЕМ ВО ДФМ/НРМ (1945– 1950) – економски систем во кој разрешувањето на централниот економски проблем (што да се произведува, како да се произведува и за кого да се произведува), т.е. разместувањето на постојните ресурси во економијата, комплетно е препуштено на државата (владата) преку централно и директивно планирање. Системот на административно-централистичкото управување на стопанството во НРМ трае релативно кратко (1945–1950). Тој е фундиран врз државна (социјалистичка) сопственост над средствата за производство, настаната со национализација и конфискација на имотите на поранешните сопственици. Неговите битни карактеристики се идентични со оние на стопанскиот систем на СССР и на другите тогашни комунистички земји. Алокацијата на ресурсите е типично непазарна. Деталните државни планови се задолжителни и во основа се сведуваат на директиви за претпријатијата. НРМ почнува да го реализира првиот петгодишен план од 1947 г., откако во претходните две години бројот на вработените и нивото на индустриското производство го надминуваат предвоеното ниво. Од 1945 до 1950 г. бројот на вработените во НРМ пораснува од 26.437 на 105.237, но со многу ниска продуктивност, а индустриското производство се зголемува за 2,6 пати, но пресметано врз многу ниска основа. Централниот план им го определува на претпријатијата, по административна логика, количеството на добра и услуги што треба да се произведе и сите други услови поврзани со производството – од каде да ги набават инпутите (суровини, полупроизводи и сл.) и по која цена, на кого да ги продадат финалните производи и по која цена. Платите на вработените, исто така, се однапред определени и фиксирани. Крајниот резултат од ваквата алокација на ресурсите се сведува на недоволно искористување на постојните капацитети и на ниска економска ефикасност. Надворешна манифестација на овој проблем е малото производство и евидентниот недостиг на добра и услуги. Дефицитарноста на добра и услуги е детерминирана од дејството на повеќе фактори: нереално планирање (централните плански органи предвидуваат помали количини добра и услуги од фактичките потреби); од широко распространетата практика претпријатијата да издејствуваат пониски плански задачи од нивниот реален производствен капацитет, би-дејќи неисполнувањето на плановите се санкционира; од ниско поставените цени на добрата и услугите, во оваа ситуација се случува планските органи добро да испланираат, претпријатијата да ги исполнат плановите, но поради ниските цени потрошувачите да побаруваат поголеми количини добра и услуги и сл. ИЗВ.: Републички завод за статистика. Развојот на СР Македонија 1945–1984, Скопје 1986. ЛИТ.: Н. Узунов, Стопанството на Република Македонија 1945–1990, МАНУ, Скопје, 2001; К. Глигоров, Сите југословенски (стопански) реформи, Скопје, 2006. Т. Ф.