АГРОИНДУСТРИЈА

АГРОИНДУСТРИЈА – заемна поврзаност на примарното земјоделско производство и преработувачката индустрија на земјоделски производи. Земјоделското производство (растителното производство и сточарството) е основа за развој на неколку преработувачки индустрии, кои го чинат т.н. агроиндустриски комплекс. Тука спаѓаат: прехранбената индустрија, производството на пијалаци, производството на добиточна храна и индустријата за тутун и цигари. Овие индустрии имаат силно влијание врз развојот на примарното земјоделско производство. Историски гледано, прехранбената индустрија во Македонија своите корени ги влече уште пред Втората светска војна, кога најголем дел од преработките на земјоделските производи се вршеа во самите селски домаќинства. По Втората светска војна овие дејности сукцесивно ги презедоа новоизградените индустриски капацитети. Денес асортиманот на прехранбената индустрија брои околу 120 производи. Во производството на пијалаци, од пред Втората светска војна, беше наследено само производството на пиво, додека во поново време оваа индустриска гранка целосно го презеде и производството на другите видови алкохолни и безалкохолни пијалаци. Производството на жестоки алкохолни пијалаци од 5.090 хл во текот на 1947 г. порасна на 10.548 хл 2005 г., додека производството на пиво, во истиот период, порасна од 50.000 хл на околу 720.000 хл. Индустриското производство на добиточна храна немаше некоја поголема развојна тенденција, што не може да се рече и за преработката на тутунот. Пред Втората светска војна, преработката на тутунот се вршеше во индустриските складишта, како обична манипулација. По Втората светска војна таа технолошки беше усовршена со целосна ферментација. Производството на ферментиран тутун порасна од 10.742 т во текот на 1947 г., на 31.962 т 1983 г., за 2005 г. да се намали на 15.904 тони. Фабричко производство на цигари пред Втората светска војна немаше. Производството на цигари од 890 милиони парчиња во текот на 1947 г. порасна на 14.030 милиони парчиња во 1983 г., а во 2005 г. се намали на 5.793 милиони парчиња. Република Македонија располага со релативно голем број капацитети на преработувачката индустрија. Повеќето од нив беа изградени пред осамостојувањето на државата и во основа беа наменети за пазарот на поранешна СФРЈ. Голем дел од нив денес го надминуваат домашното производство на суровинска база (масло, шеќер, тутун и друго). По осамостојувањето на земјата, стеснувањето на пазарот, ниската инвестициона активност и високата амортизираност на постојниот физички капитал, придонесоа за дополнително намалување на нивната искористеност. ЛИТ.: Стратегија за развој на земјоделството во Република Македонија до 2005 година, МАНУ, Скопје, 117–119; Н. Узунов, Стопанството на Република Македонија , 1945–1990, МАНУ, Скопје, 2001, 333-340; Државен завод за статистика, Статистички годишници на Република Македонија , 1955-2006. Д. Е.