ЃОРЧЕВ, Ацо

ЃОРЧЕВ, Ацо (Неготино, 19. XI 1933 – Скопје, 26. Ⅵ 1993) – актер и режисер. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје (1961) и на Театарската академија во Белград (1969). Бил член на Радиодрамата (1954), потоа директор на Домот на културата во Неготино (1954-1962); член на Народниот театар во Куманово (1962-1969); член на Драмскиот театар во Скопје (1969-1993). Улоги: Змеј („Јане Задрогаз”); Димитрија („Диво месо”); Борис („Хај-фај”); Кољо („Тетовирани души”); Скапен („Ѓаволштините на Скапен”). Потписник е на повеќе од 20 режии. Р. Ст.