ЈАНЕВСКИ, Славко

ЈАНЕВСКИ, Славко (Скопје, 11. Ⅰ 1920 – Скопје, 30. Ⅰ 2000) – поет, раскажувач, романсиер, есеист, сценарист, сликар. Мошне рано почнал да се занимава со литература и сликарство. Учесник е во НОБ. Како припадник на Ⅲ македонска ударна бригада ги пишува стиховите Крвава низа, објавени веднаш по Ослободувањето. Од јануари 1945 г. ја уредува првата периодична публикација за деца на македонски јазик „Пионер”. Бил главен уредник на списанијата за литература и уметност „Нов ден” и „Современост”, на литературната ревија „Хоризонт” и на хумористично-сатиричниот весник „Остен”. Голем дел од својот живот го поминал како уредник во издавачките куќи „Кочо Рацин”, „Македонска книга” и „Наша книга”. Бил еден од основачите на Друштвото на писателите на Македонија (1947) и негов претседател; претседател на Советот на Струшките вечери на поезијата и на Рациновите средби, како и еден од основачите на МАНУ (18. Ⅷ 1967). Неговите дела се преведувани на сите јужнословенски и на многу други јазици во светот. Застапуван е во македонски, европски и во светски антологии. Автор е на првиот роман и на првата повест во македонската литература и на еден од најобемните опуси во македонската книжевност. Во поезијата најзначајно му е делото Евангелие по Итар Пејо; во детската книжевност трилогијата Пупи Паф (Пу-пи Паф во шумшул-град, Пупи Паф гледа од вселената и Пупи Паф господар на соништата); во прозата романсиерскиот опус Кукулино, во кој (во 10 тома) го следи историското ходочастие на Керубиновото племе низ цели 14 столетија, прикажано во хаос од пороци и очај, во обезглавеност и распарченост, со меѓи на недоразбирања и меѓусебна спротиставеност. Во неговото творештво проникнуваат историјата и ми-тот, реалноста и фантастиката. Автор е на две филмски сценарија и на ликовни изложби. Добитник е и на високи национални југословенски и други награди и признанија од областа на литературата и филмот. ДЕЛ: Крвава низа (поезија, 1945); Пруга на младоста (со Ацо шопов, поезија, 1946); Пионери, пионерки, бубачки и шумски ѕверки (поезија за деца, 1946); Распеани букви (поезија за деца, 1946); Милиони џинои (поема за деца, 1948); Песни (1948); Улица (повест, 1950); Егејска барутна бајка (поезија, 1950); Лирика (1951); Село зад седумте јасени (роман, 1952); шеќерна приказна (сказна за деца, 1952); Кловнови и луѓе (раскази, 1954); Две Марии (роман, 1956); Леб и камен (поезија, 1957); Месечар (роман, 1958); Сенката на Карамба Барамба (поезија за деца, 1959); Марсовци и глувци (поезија за деца, 1959); Горчливи легенди (патописна проза, 1962); И бол и бес (роман, 1964); Стебла (нова верзија на Село зад седумте јасени, роман, 1965); Евангелие по Итар Пејо (поезија, 1966); Црни и жолти (поезија за деца, 1968); Каинавелија (поезија, 1968); Тврдоглави (роман, 1969); Омарнини (раскази, 1972); Ковчег (раскази, 1976); Оковано јаболко (поезија, 1979); Астропеус (поезија, 1980); Змејови за игра (поезија, 1983); Легионите на Свети Адофонис, Кучешко распетие и Чекајќи чума (трилогија под наслов: Миракули на грозомората 1984); Девет Керубинови векови (роман, 1986); Песји шуми (поезија, 1988); Чудотворци (роман, 1988); Рулет со седум бројки (роман, 1989); Пупи Паф (проза во стихови за деца, 1992); Зад тајната врата (раскази, 1993); Палетата на проклетството (поезија, 1995); Континент Кукулино (проза, 1996); Пупи Паф во шумшул-град (книга за деца, 1996); Пупи Паф гледа од вселената (1996); Пупи Паф господар на соништата (1996); Додека спиеја кртовите (поезија, 1998). Постхумно објавени: Депонија (роман, 2000), И петто годишно време (раскази, 2001), Измислена тврдина (поезија, 2002), како и Галерија универзум И (книга на есеи, огледи, полемики). ЛИТ.: Миодраг Друговац, Книга за Јаневски (1971); Георги Старделов, Еџпериментум Мацедоницум (1983) и Керубиновото племе (1995); Златко Крамариќ, Романите на Славко Јаневски (1987); Радомир Ивановиќ, Поетика Славка Јаневског, И-Ⅱ (1989). Г. Ст.