ШУМСКА ХИДРОЛОГИЈА И ХИДРАУЛИКА

ШУМСКА ХИДРОЛОГИЈА И ХИДРАУЛИКА – дел од хидрологијата што ја изучува врската помеѓу вегетацијата и шумата, од една страна, и хидролошките процеси, од друга. Темелите на шумската експериментална хидрологија ги поставил швајцарецот Енглер (1890), со што оваа научна дисциплина се издвои од општата хидрологија. Резултатите од про-учувањата на одделните елементи (врнежи, интерцепција, евапорација, инфилтрација, оттек, ретенција, принос на вода, квалитет на вода, нанос во водата и др.) укажуваат на влијанието на шумата и шумарството врз водните ресурси и врз другите стопански гранки што се јавуваат како корисници. Вредноста на овие елементи, освен од природните фактори, зависи и од дрвниот вид, неговата возраст, склопот на насадот, типот и интензитет на сечењето, начинот на дотур и на транспорт. И. Б.