ШУМСКА ПРОСТИРКА

ШУМСКА ПРОСТИРКА – органска материја што се создава во шумските екосистеми со годишниот опад и претставува мртва органска материја на поранешни функционални органи на шумската вегетација. Со годишниот опад се враќаат големи количини минерални материи во почвата и повторно се користат во процесите на кружењето. Опадот се акумулира на површината на почвата и формира континуиран слој на шумска простирка составена од изумрени листови, гранки, плодови, цветови, тревести органи во различна фаза на разградување. Во разните шумски екосистеми, шумската простирка има различна дебелина и количина што е одредена со брзината на разградувањето во определениот екосистем. Таа е резервоар на минерални материи што се ослободуваат со процесите на разградувањето на органската материја и повторно се искористуваат од автотрофните организми. Во дабовите екосистеми на плоскач и цер во Националниот парк Галичица просечната количина на шумска простирка се колеба од 8,44–10,89 т/ха, во зависност од инклинацијата на теренот. Во горскиот буков екосистем во Националниот парк Маврово просечната количина на шумската простирка се колеба од 18–20,58 т/ха. Биогенотичкото значење на шумската простирка во шумските екосистеми е извонредно големо и има важна улога во функционирањето на екосистемот. Правило е со порастот на надморската висина, количините на шумската простирка да растат. Буково-еловите шуми на Галичица содржат 21 т/ха, а моликовите шуми на Пелистер дури до 31 т/ха. Љ. Гр.